Лудило без граници: Нотингем Форест купи 21 нов фудбалер во летниот преоден рок

Нотингем Форест по нецели две децении успеа да се врати во Премиер-лигата, но никој не очекуваше дека токму „шумарите“ ќе бидат најактивниот клуб на фудбалската берза во преодниот рок што заврши доцна синоќа. Звучи неверојатно, но овој клуб летово комплетираше трансфери на дури 21 нов фудбалер, се со цел да се создаде тим што ќе обезбеди опстанок во елитното друштво.

Со ова, Нотингем Форест го урна рекордот за најмногу трансфери во историјата на британскиот фудбал, што беше сопственост на шкотските клубови Ливингстон во 2001 и на Данди Јунајтед во 2000 година (двата тима во еден преоден рок имаа дури по 19 трансфери).

Но, да тргнеме по ред… Најскапо засилување на Форест летово е Гибс Вајт, играчот кој не дојде од Вулверхемптон за почетни 30.5 милиони евра, но трансферот може да достигне огромни 45 милиони евра доколку бидат активирани сите клаузули. Таиво Авонији беше едно од првите засилувања откако корпулентниот голгетер пристигна од Унион Берлин за 20,5 милиони евра, а меѓу поскапите засилувања се уште и Неко Вилијамс од Ливерпул (20 милиони евра), Емануел Денис од Ватфорд (14,5 милиони евра) и Орел Мангала од Штутгарт (13 милиони евра).

Ниаките пристигна од Мајнц за десет милиони евра, а нешто поевтини беа трансферите на Фројлер од Аталанта и на О’Брајен од Хадерсфилд. Лоди од Атлетико Мадрид и Омар Ричардс од Баерн Минхен ја засилија позицијата лев бек, додека напаѓачот Хванг беше потпишан од француски Бордо, но веднаш беше испратен на позајмица во Олимпијакос. Тофоло од Хадерсфилд е третиот лев бек потпишан од Нотингем летово, а на листата на засилувања се наоѓаат уште и Боли (Вулверхемптон), Боулер (Блекпул), Агилера (Алахалуенсе), Лингард, Кујате и Хенеси како слободни играчи, додека голманот Хендерсон и дефанзивецот Баде пристигнаа на позајмици, првиот од Манчестер Јунајтед, вториот од Рен.

Се вчитува...