„Лудница“ во Сараево, Белгија во меч со седум гола славеше над БиХ

Селекциите на Босна и Херцеговина и на Белгија одиграа фантастичен натпревар во Сараево, на кој гостите по голема битка успеаја да слават со 3-4. Овој меч имаше многу поголемо значење за Босанците, кои се во трка со Грција за место во баражот. Дури и без помошта на повредениот Пјаниќ босанските фудбалери одиграа одличен дуел, па по раниот гол на Муние направија целосен пресврт со погодоците на Медуњанин и Вишча. Белгија на стартот од второто полувреме пак го сврте резултатот во своја полза преку Батшуаи и Фертонген, но тоа не беше крај на возбудувањата на стадионот „Грбавица“. Најпрвин домаќините израмнија преку Думиќ во 82. минута, за само шеесетина секунди подоцна Белгија преку Караско да ги постави конечните 3-4.

Шведска лесно ја оправда фаворитската улога против Луксембург славејќи со преубедливи 8-0, а стрелци на погодоците беа Берг (четири), Гранквист (два од пенал), Лустиг и Тоивонен. Со ова „жолто-сините“ имаат три бода повеќе од Франција (вечерва „триколорите“ гостуваат во Бугарија) и шест повеќе од Холандија. Денешната убедлива победа им овозможи на Швеѓаните да стигнат до импресивна гол-разлика од „плус деветнаесет“, со што оваа селекција може да си дозволи и убедлив пораз од Холандија во последното коло, па сепак да се најде на едно од првите две места на табелата.

Естонија како гостин го совлада Гибралтар со преубедливи 0-6, додека Фарски острови и Летонија ремизираа 0-0.

Се вчитува...