Франција е првиот четвртфиналист на Светското фудбалско првенство во Русија, откако во незаборавен натпревар на „Казањ Арена“ ја совлада Аргентина со 4-3. Младиот фудбалски волшебник Килијан Мбапе ги растури Аргентинците, постигнувајќи два гола, а над него беше направен и пенал при првиот погодок на „триколорите“. Тој е првиот 19-годишен фудбалер по легендарниот Пеле што постигнал два гола на еден мундијалски меч. Лионел Меси го немаше никаде, и заедно со соиграчите од Аргентина ќе си ги спакува куферите.
Првото осминафинале на Светското првенство ја понуди сета магија на оваа прекрасна игра. Одлични акции, прекрасни голови, блесок на новото фудбалско чудо кое веќе две сезони најавуваше ваков метеорски скок во орбитата преку настапите во ЛШ. Сега Мбапе блесна и на Мундијалот во Русија.
Во 11.минута, Мбапе побегна со огромни чекори, Маркос Рохо наивно го собори во шеснаесетникот, а Антоан Гризман го реализира ударот од белата точка. Аргентина немаше одговор, а без сериозна акција го пронајде Анхел Ди Марија со прекрасен удар од далечина во 42.минута.
На стартот од вториот дел, Меркадо, малку среќно, по шутот на Меси, ја доведе Аргентина во водство од 2-1. Но, кусо траеше радоста на „гаучосите“. Бењамин Павар во 57.минута со фантастичен удар израмни на 2-2, а Килијан Мбапе само седум минути подоцна повторно ја врати предноста за Франција. Во 68.минута, „килерот“ Мбапе уште еднаш го совлада аргентинскиот голман Армани, за 4-2. Но, и тоа не беше крај, затоа што Серхио Агуеро во судиското продолжение ги постави конечните, 4-3.
Франција во четвртфиналето ќе го очекува подобриот од дуелот меѓу Уругвај и Португалија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА