Урош Луковиќ неколку сезони по ред беше меѓу најдоминантните кошаркари во македонскиот шампионат, носејќи го дресот на Куманово и на МЗТ Скопје. Одличниот блокер потоа направи чекор напред со трансферот во Партизан, за ланската сезона да игра извонредно и во дресот на Морнар, привлекувајќи го вниманието на Александар Ѓорѓевиќ.
Српскиот селектор реши да го повика Луковиќ меѓу кошаркарите кои ќе се појават на подготовките за претстојните квалификациски средби за СП 2019, а овој кошаркар во изјавите за медиумите потсети дека пред неколку години имаше и понуда да заигра за Македонија.
„Секако дека многу ми значи, ова е огромна чест, за ова сонувам од првиот ден кога почнав да играм кошаркар. Не е важно што ќе дебитирам на 29 години, тоа е доказ дека човек никогаш не треба да се предава. Имав понуда и да заиграм за Македонија, но ја одбив бидејќи бев убеден дека еден ден ќе го облечам дресот на Србија“ – изјави Луковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА