Мадрид пред Париз: Мбапе одбил уште една понуда од ПСЖ за нов договор

Напаѓачот на Пари Сен Жермен, Килијан Мбапе е се поблиску до премин во Реал Мадрид, откако одбил уште една „мега“ понуда за продолжување на договорот со францускиот клуб. Младиот напаѓач очигледно е решен да ја напушти Франција, па новиот предизвик ќе го бара во Шпанија.

Според „Марка“, последната понуда на ПСЖ не вклучувала зголемување на платата. Парижаните со иста плата му понудиле на Мбапе двегодишен договор. Покрај тоа, предложениот договор предвидува можност да се напушти ПСЖ по своја волја во секое време по Светското првенство во 2022 година.

Претходно беше објавено дека 23-годишниот Мбапе, чиј договор со францускиот тим истекува на крајот од сезоната, на лето ќе потпише договор со Реал Мадрид со слободен трансфер. Во првиот натпревар од 1/8 финалето на Лигата на шампионите, Мбапе го постигна единствениот гол против Реал Мадрид (1-0) на стадионот „Парк де Пренс“.

Сезонава Мбапе на 33 натпревари во сите натпреварувања постигна 22 гола и запиша 16 асистенции.

Се вчитува...