Маестралниот Дончиќ го замолкна Каунас и ја одведе Словенија на ЛОИ!

Словенија е првата репрезентација која обезбеди место на Летните олимписки игри во Токио откако на квалификацискиот турнир кој се одржа во Каунас, Словенците на крилјата на маестралниот Лука Дончиќ и неговиот трипл-дабл учинок славеа над домаќинот на турнирот, Литванија со 85-96.

Словенците подобро го отворија натпреварот и веќе во првата четвртина стигнаа до двоцифрена предност (18-28), меѓутоа падот во играта на Словенија без Дончиќ на паркетот го искористија Литванците кои успеаја и да поведат во втората четвртина. Следеше изедначен натпревар до крајот на првото полувреме по кое резултатот гласеше 52-52.

Словенија на крилјата на Дончиќ повторно завладеа на паркетот на отварањето на второто полувреме. „Змајчеги“ имаа предност од 59-71 во третата четвртина, но четвртата лична грешка на Тоби ја поремети динамиката кај Словнеците. Тоа го искористи Литванија која ја преполови предноста, меѓутоа и Словенија навремено ги консолидираше своите редови и одигра одлично во одбраната со што веќе на истекот на 30. минути ја врати двоцифрената предност. Добрата игра продолжи и до крајот на мечот за мирна завршница и место на ЛОИ во Токио.

Лука Дончиќ со трипл-дабл од 31 поен, 11 скока и 13 асистенции ја предводеше Словенија. Него го следеше Чанчар со 18 поени и 5 скока, додека два помалку додаде Блажиќ. Буткевичиус, Калниетис и Валанчиунас беа предводници на Литванија со по 14 поени.

Се вчитува...