„Магичен“ гол на Џонс, Ливерпул и со „деца“ го совлада Евертон

Ливерпул ја продолжи серијата импресивни резултати на градските пресметки со Евертон откако го совлада тимот на Карло Анчелоти во третото коло од ФА Купот. Денешниот триумф сигурно уште долго ќе биде меѓу омилените за навивачите на Ливерпул бидејќи „црвените“ стигнаа до победата речиси со младински тим, со огромен број на фудбалери кои настапуваа во младинското издание на ЛШ сезонава.

Ван Дајк, Салах, Робинсон, Вајналдум, Алисон… воопшто не беа во составот, додека Мане и Хендерсон следеа од клупата како младиот состав на „црвените“ во одличен натпревар го совладува големиот градски ривал.

Искусниот Адриан имаше две добри интервенции во првото полувреме, но „децата“ на Јирген Клоп во ниту еден момент не дозволија искусниот гостински состав (Анчелоти ги избра најсилните единаесетмина). За „шлаг на тортата“, единствениот погодок беше вистинско ремек-дело на Куртис Џонс, капитен на младинската екипа на „црвените“, воедно и момче родено во Ливерпул.

Се вчитува...