Мајк Џејмс уште три години во ЦСКА

Заминувањето на Кајл Хајнс во Милано го запали алармот кај управата на ЦСКА Москва, па рускиот гигант експресно ги финишираше преговорите за задржување на Мајк Џејмс во својот табор. Преговорите беа стопирани за време на паузата поради коронавирусот, но откако Хајнс си замина од клубот Русите се погрижија по негови стапки да не тргне и „офанзивната машина“ Џејмс.

Сите детали од новиот тригодишен договор се веќе средени, a истиот се очекува да биде потпишан во текот на наредната седмица. Џејмс пристигна во Москва минатата сезона на местото на Нандо де Коло потпишувајќи едногодишен договор, но максимално ги оправда очекувањата на управата и на тренерот Итудис. Тој имаше просек од 21,1 поен и 4,3 асистенции по натпревар во Евролигата до моментот на прекинот на елитното европско натпреварување.

Американецот во кариерата има настапувано и за Басконија, Панатинаикос и Милано, а имаше и кратка авантура во НБА-лигата, како член на Феникс и на Њу Орлеанс во текот на сезоната 2017/18.

Се вчитува...