Мајката на Килијан откри: ПСЖ повторно започна преговори со Мбапе за нов договор!

Килијан Мбапе може да го продолжи договорот со Пари Сен Жермен, а во моментов се водат преговори меѓу претставниците на играчот и челниците на клубот, откри мајката на младиот Французин, Фајза Ламари.

Мбапе пред неколку дена изјави дека побарал од управата од „Паркот на принцовите“ да го напушти клубот во текот на летото, и дека е подготвен да замине во Реал Мадрид. Договорот на 22-годишниот фудбалер со францускиот тим истекува следното лето, па би можел да преговара со други клубови во јануари. Сепак, ПСЖ не е подготвен така лесно да се откаже од него.

„Преговорите се во тек со ПСЖ и се се’ одвива како што треба. Едно е јасно, Килијан ќе даде се од себе за да ја освои Лигата на шампионите. Тој е среќен во клубот. Ако беше тажен ќе кажеше, како што често ни се доверува. Со него, работите можат да се менуваат од ден на ден“, рече Ламари.

И покрај тоа што изјави дека преговорите одат според планот, Ламари повтори дека е сон на нејзиниот син да игра за Реал Мадрид.

„Разбирам дека навивачите на ПСЖ не се среќни. Но, тој сонуваше да игра и за ПСЖ и за Реал. Ова лето, тие сакаа да започнат нова приказна во Мадрид. Не знам, можеби на Килијан му се потребни нови предизвици“, заклучи мајката на Мбапе.

Се вчитува...