Мајсторија на Ибракадабра: Милан беше на работ на пораз, а тогаш се појави Златан

Златан Ибрахимовиќ е најзаслужниот што Милан избегна пораз на денешното гостување против Удинезе, дуел на кој „росонерите“ до самиот крај имаа негатива од 1-0, пред шведскиот ас да блесне и во судиското продолжение да му донесе бод на својот тим.

„Фриулијаните“, во чии редови Илија Несторовски повторно беше на клупата, но не влезе во игра, беа подобар противник во голем дел од мечот и заслужено имаа водство од 17. минута, кога Бето ја затресе мрежата на „росонерите“.

Милан се отвори во второто полувреме, но гостите делуваа безидејно во голем дел од мечот, се до моментот на блесок на Ибрахимовиќ, кој одлично се снајде во една мешаница во противничкиот шеснаесетник и во манир на голем стрелец ја смести топката во мрежата.

Ова беше јубилеен 300. гол на Златан Ибрахимовиќ во Топ 5 лигите во Европа, со што Швеѓанецот стана само трет фудбалер во историјата кому ова му успеало, по Кристијано Роналдо и Лионел Меси.

Се вчитува...