Мак-баскетот во годината што измина – МЗТ Скопје, Работнички, Антиќ, Бајиќ…

Секоја година е „тапкање“ во место во мак-баскетот, a исклучок не беше ниту изминатата 2021 во која само се потврди дека кошаркарски секоја наредна сезона се повеќе го губиме чекорот не само со елитата, туку и со оние кои ги сметаме за „просек“ во еврокошарката.

Двата претставници во Еврокупот на ФИБА експресно ги завршија настапите во квалификациите, репрезентациајта не ни се пласираше на Евробаскет 2021, претседателот на федерацијата е во константен конфликт со шампионот, најтрофејниот колектив мака мачи да излезе од финансиска криза, а единствениот играч од највисока класа од различни причини многу почесто е отсутен од репрезентативните собири отколку што е тука да му помогне на националниот тим.

Затоа, не е чудо што кошаркарски сме онаму каде што се наоѓаме во моментов, а во меѓувреме „ новогодишно“ ги избравме моментите кои ја одбележаа изминатата 2021 година.

Пировата победа над Италија – квалификациите за Евробаскет 2021 ги довршивме во „балон“ во Русија, каде за пет дена нашите кошаркари одиграа четири меча. Ќе остане запишана победата над селекцијата на Италија 87-78, но на крајот и тоа беше попусто бидејќи и покрај овој резултат и триумфот над Естонија во последното коло го освоивме последното место во групата и не се пласиравме на европскиот шампионат.

Повредата на Војдан Стојановски – капитенот на националниот тим се повреди во март, додека беше член на францускиот Гравелин Данкерк. Деталните прегледи покажаа кинење на вкрстените лигаменти во коленото, по што Војдан мораше да биде опериран и долго време беше надвор од терените, пропуштајќи ги претквалификациите, како и стартот на квалификациите за СП 2023. Добра вест е што нашиот капитен конечно е „фит“ за камбек и прашање на време е кога ќе потпише за нов клуб и ќе се врати назад на терените.

Доаѓањето на Драган Бајиќ за селектор – за наследник на Александар Тодоров беше избран Драган Бајиќ, добро познато тренерско име од овие простори, стручњак што минатата сезона беше избран за најдобар во АБА-лигата. Србинот ја почна селекторската авантура со пласман во главните квалификации за СП (пред Словачка и Швајцарија), но потоа следеа два порази на стартот од главните квалификации. Многу повеќе од резултатскиот аспект загрижуваат методите на Бајиќ и неговото врескање кон репрезентативците, поради кои најмалку еден стандарден кошаркар веќе најавил дека се повлекува од националниот тим. Со врескање можеби се наметнува авторитет врз играчи кои се одлично платени во Игокеа, но тоа сигурно не е случај во репрезентативната кошарка.

Цела прес-конференција за Ненад Димитријевиќ – ако се бираше „настан за бламажа на годината“, тоа ќе го добиеше раководството на КФСМ, за организираната прес-конференција на која претседателот, генералниот секретар, директорот и новиот селектор сите се пожалија на односот на Ненад Димитријевиќ кон националниот тим. Плејмејкерот на Валенсија реши да се посвети на почетокот на авантурата во новиот клуб, давајќи предност во однос на репрезентацијата, но никој не очекуваше дека Антиќ и целокупното раководство ќе свикаат прес за да „плукаат“ по играчот кој треба да биде лидер на националниот тим во годините што доаѓаат. Најмалку од сите токму Антиќ, кој беше далеку од редовен во настапите во црвено-жолтиот дрес додека беше на врвот на славата.

МЗТ Скопје продолжи да доминира – Аеродромци стигнаа до нова двојна круна, продолжувајќи ја својата доминација на домашната сцена. Најзаслужен е тренерот Радуловиќ, кој успеа со „шок-терапијата“ по заминувањето на Кочов да го разбуди тимот, им даде предност на македонските плејмејкери во однос на странците, а тие одговорија на предизвикот и МЗТ ги собра сите трофеи во мак-баскетот во изминатата година.

Битолска перфекција од 12-0 – Пелистер извонредно ја стартуваше и ланската сезона, но битолчани се лизнаа кога беше најважно, губејќи од Академија ФМП во четвртфиналето од Купот на Македонија и од МЗТ Скопје во полуфиналето од плејофот. Еден од клучните фактори беа здравствените проблеми на тренерот Марјан Илиевски, кој не можеше да го води тимот во завршницата од првенството, а без него на клупата битолчани капитулираа пред налетот на аеродромци. Пелистер летово се консолидираше, доведе и повеќе македонски репрезентативци во својот табор, па извонредно ја стартуваа новата сезона, со перфектни 12 победи (две од нив над МЗТ) и ниту еден единствен пораз.

Војната Перо Антиќ – МЗТ Скопје – Веќе секоја година сме сведоци на пресметки и соопштенија меѓу „,куќата на кошарката“ и раководството на МЗТ. Сепак, врвот беше достигнат откако Антиќ реши да ги санкционира „непослушните аеродромци“ со 300.000 денари и суспензија на директорот Грнчаров. Причина – навреда на претседателот, кој никаде не е споменат со име, туку со „небитниот“, прекар што Антиќ самиот си го даде додека водеше војна со екс-претседателот Петар Наумоски. Чудно како некои зборови пречат само откако ќе станеш претседател, не и претходно.

Бадел чекори напред – Женската кошарка долго време стагнира, но за поздрав е што две екипи сезонава решија да учествуваат во регионалната лига ВАБА. „Баделки“ ги загубија трофеите минатата сезона, но летово се консолидираа, вратија дел од поранешните кошаркарки и влегоа во серија одлични резултати – обезбедувајќи и пласман во Супер-лигата на ВАБА. Се уште е рано да се говори за врвни резултати, но првите чекори секогаш се најтешки и затоа овој напредок на Бадел заслужува да биде потенциран, како мотив за уште поголем развој во оваа 2022 година.

Штом нема пари, Работнички „врти нов лист“- Политиката на „центарци“ низ последните десетина години стана максимално провидна, кога се има сериозен буџет се најавуваат трофеи, штом малку ќе „секне општинската чешма“, веднаш се вртат кон ставање акцент на работата со младите категории. Така беше и летово, па екс-градоначалникот Богдановиќ свика прес-конференција на која не кажа конкретно апсолутно ништо, ама на сите им стана јасно дека пари ќе нема како досега. И така бидна, додека останатите тимови се екипираа, Работнички не мрдаше со прст, за на крајот да биде донесен Тони Симиќ за тренер, Ѓорѓи Чековски да биде именуван за директор, а тимот да се „скрпи“ со неколку странци и собрани млади перспективни кошаркари. Резултатски воопшто не минаа лошо, скорот од 7-5 со оглед на ростерот не треба да е разочарување, но во последно време се почесто се „шушка“ дека ќе дојде и до зголемување на буџетот. Можеби токму затоа членови на клубот почнаа да најавуваат и промени во „Градски парк“, иницирани од транспаренти на навивачите на натпреварите на Работнички. А кога е Работнички во прашање, се знае, секогаш кога има пари, имаат и „доктор“ со „рецепт за успех“. Што се случува пред и после него, не е и толку важно. Само нека има пари.

Емил Рајковиќ, најсветла точка – македонскиот стручњак продолжува со одличните резултати на меѓународната кошаркарска сцена, овојпат како тренер на руски Автодор. Рајковиќ експресно ги придоби симпатиите во клубот со серија извонредни резултати, доминирајќи во Еврокупот на ФИБА, но и во ВТБ-лигата, каде Македонецот и неговиот тим се на чело на табелата со импресивен скор од осум победи и само еден пораз.

Се вчитува...