Македонија без Дамјан и Магдевски, но со Димитријевиќ против Грузија

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот во СЦ „Борис Трајковски“ ги започнува подготовките за престојните квалификациски натпревари против Грузија за Светското првенство 2023 на кои „црвено-жолтите“ ќе се обидат да стигнат до првиот триумф по поразите од Шпанија и Украина.

На нив селекторот Драган Бајиќ нема да може да смета на услугите на Дамјан Стојановски и Андреј Магдевски. Стојановски уште по завршувањето на Купот на Македонија им посака среќа на соиграчите, а плејмејкерот на Плоиешти поради повреда нема да биде во составот.

Неизвесен е и настапот на Адем Мекиќ и Бобан Стајиќ. Мекиќ поради повреда не можеше да му помогне на МЗТ Скопје во полуфиналето и финалето од Купот, додека Стајиќ се повреди во четвртфиналниот натпревар помеѓу Пелистер и ТФТ.

Мекиќ во првиот прозорец бележеше просек од 9.5 поени и 4.0 скока, додека Стајиќ забележа 3.5 асистенции, па јасно е дека Македонија и во следните натпревари нема да настапи со сите сили. Добра вест е враќањето на Ненад Димитријевиќ кој се очекува да одигра еден натпревар, оној во Скопје.

Нашите репрезентативци ќе имаат само два тренинга пред заминувањето во Грузија за натпреварот во Тблиси кој ќе се одигра во петок.

Се вчитува...