Македонија без конкуренција најдобра во Лига Д, Алиоски прв стрелец

Македонија на половина од групната фаза во Лигата Д во рамките на УЕФА Лигата на нации, е најдобрата репрезентација меѓу 16 селекции кои се во четвртата по ранг квалитативна лига.

Македонија (Група 4) заедно со Грузија (Група 1) се единствените две селекции кои по првите три кола во Лига Д е со максимални 9 бода. Со тоа што македонската репрезентација има подобра гол-разлика од 8-1, наспротив Грузија со гол-разлика од 6-0. Од останатите репрезентации по 7 бода имаат Белорусија (Група 2) и Косово (Група 3).

Овие четири репрезентации (заедно и со Луксембург од Група 2 која има досега 6 бода и Азербејџан од Група 3 со 5 бода) треба да се бараат и партиципиентите на Ф4 бараж турнирот кој во јуни следната година треба да се одржи за пласман на ЕП 2020.

По трите досегашни кола, Македонија го има и најдобриот стрелец во името на Езгијан Алиоски. Фудбалерот на англиски Лидс единствен има 3 гола по првите три кола, пред десет фудбалери со по два погодоци. Меѓу нив се и Горан Пандев и Александар Трајковски со по два постигнати гола.

Македонија ја има и најдолгата низа без пораз во историјата. Овој репрезентативен состав е во серија од 10 едноподруго меча без пораз, со 6 победи и 4 ремија, и гол разлика на последните десет натпревари од 18-4.

Се вчитува...