Македонија брка „плус“ шест против Швајцарија за излез од претквалификациите за СП 2023

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ против репрезентацијата на Швајцарија има шанса да обезбеди излез од претквалификациите за Светското првенство 2023 и место во следната фаза од натпреварувањето.

Избраниците на Драган Бајиќ по лошата игра против Швајцарија во првото коло од претквалификациите одговорија со одлична игра во поголемиот дел од мечот против Словачка со која атмосферата во тимот се искачи на едно повисоко ниво, а притоа беше и совладан притисокот, меѓутоа на „црвено-жолтите“ денеска нема да им биде воопшто лесно.

Швајцарија на првиот меч покажа дека може да одговори на нашиот напад во одбраната па често нашите напади безидејни, а притоа знае и да ја искористи предноста во висина во нашиот рекет. Швајцарците на првиот меч постигнаа повеќе од половина од своите поени (34) во овој сегмент од играта па јасен е фокусот за нашата репрезентација на „реванш“ натпреварот во кој посакувана е победа со повеќе од пет поени за осигурување на излез од претквалификациите.

„Вечерашниот натпревар со Швајцарија, ќе биде исто така тежок за нас како и оној првиот. Се работи за одличен противник. Но со победата над Словачка се крена самодовербата во тимот. Покажавме дека имаме квалитет. И ако одиграме како против Словачка во одбраната, нема да имаме проблем на овој натпревар. Нормално очекуваме уште поголема подршка од трибините за овој натпревар“, изјави пред мечот Теодор Симиќ.

„Сигурен сум дека на денешниот натпревар со Швајцарија секој од нас ќе го даде својот максимум и со голема воља и енергија ќе го постигнеме посакуваниот успех-победата“, додаде Андреј Андоновски.

Се вчитува...