Македонија ќе извиси за Евробаскет: Русија е пред исклучување, но ФИБА има поинакви планови

Македонската кошаркарска репрезентација по се изгледа нема да добие билет за Евробаскет 2022, без оглед на плановите на ФИБА да ја исклучи Русија од ова натпреварување. Европската куќа на кошарката е на добар пат да го стори тоа на претстојното Собрание закажано за втората половина од месец мај, но челниците на ФИБА имаат поинаква визија околу тоа кој треба да го добие местото на Русија на претстојното ЕП.

Имено, УЕФА во ваква ситуација ја избра репрезентацијата што била елиминирана од Русија во квалификациите, додека ЕХФ по истата формула и исклучувањето на „зборнаја“ обезбеди директен пласман на СП на селекцијата на Белгија. Македонија беше во иста група со Русите во квалификациите за Евробаскет и се надеваше на слично сценарио, но информациите од „европската куќа на кошарката“ не одат во прилог на нашата национална селекција.

Имено, ФИБА е решена да ја казни Русија, но замената нема да дојде директно од групата во која оваа селекција ги играше квалификациите. Планот на раководството на ФИБА е вајлд-картата по руското санкционирање да биде доделена на селекцијата со најдобар рејтинг што не обезбедила пласман на Евробаскет 2022. Неофицијално, тоа се очекува да биде Црна Гора, но официјалната одлука се очекува за петнаесетина дена.

Селекцијата што ќе биде избрана како замена за Русија ќе биде сместена во групата во Тбилиси, каде за ривали ќе ги има Шпанија, Турција, Грузија, Бугарија и Белгија.

Се вчитува...