Македонија кон Лига Б во Лигата на нации – без разлика кој е на терен!

Македонската репрезентација денеска од 18 часот на „ГСП арената“ во Никозија, Кипар, против Ерменија го игра одлучувачкиот натпревар за првото место во групата од Ц-лигата и прогрес во Лига Б следната сезона во УЕФА Лигата на нации.

Селекторот Игор Ангеловски ќе биде без дури осум стартери од претходните натпревари, но без разлика кој ќе биде на терен против Ерменците јасен е императивот – со позитивен резултат да се заврши годината и обезбедување место во поквалитетната дивизија следната сезона во ова натпреварување на УЕФА.

„Јас не сум тренер што калкулира, а особено да играм на нерешено. Можеби тоа е и маана. Нема секако да се жалиме поради недостатокот на голем број фудбалери, затоа што имаме доволно квалитет со играчите што се тука да дојдеме до целта. Сите тие треба да докажат и покажат зошто се тука. Нас секој позитивен резултат не носи во Б-лигата и тоа е многу важно. Целта е првото место секако“ – вели Ангеловски.

Сосема еднакво е размислувањето и на капитенот Иван Тричковски, кој ќе го предводи нападот против Ерменците.

„Тимскиот дух и одличната атмосфера која владее во селекцијата треба да бидат нашето главно оружје на натпреварот против Ерменија. Знаеме дека ќе бидеме со многу промени но сите кои сме тука сме повеќе од мотивирани и подготвени да дадеме максимум за да ја реализираме нашата цел – првото место во групата“ – истакна Тричковски.

На Македонија вечерва во Никозија ќе и биде неопходен само бод против Ерменците за осигурување на првото место. Како што е познато, националниот тим ќе биде без Пандев, Адеми, Алиоски, Барди, Елмас, Димитриевски, Ристевски, Николов, Спировски и Велкоски.

Се вчитува...