Македонија може до 1,5 милиони евра награда за прво место во Лигата на нации

Македонската фудбалска репрезентација ќе заработи 750.000 евра само од учеството во Лигата на нации, а ако биде победник во групата ќе добие уште дополнителни 750.000 евра. Ова откако УЕФА денеска објави дека го зголемува наградниот фонд за натпреварувањето за 50 проценти.

Првично, учеството во Д сегментот носеше 500.000 евра, толку беше и наградата за победа во групата. Максималниот награден фонд кој може да го добие една репрезентација во групата Д е 1,5 милиони евра.

Очекувано најголеми се наградите во групата А во која се натпреваруваат најголемите европски селекции. Таму надоместокот за учество е 2,25 милиони евра, а бонусот за победа во групата е исто толку.

Вкупниот победник во Лигата на нации според новите пресметки ќе добие 10,5 милиони евра.

Македонската фудбалска репрезентација во следните денови ќе одигра два натпревари од Лигата на нации, против Лихтенштајн дома в сабота и против Ерменија во гости во вторник. Македонскиот национален тим, натпреварувањето го почна со две победи. Славеше над Гибралтар во гости со 2-0, забележа идентична победа и над Ерменија во Скопје и со тоа е водечка на табелата во групата.

 

 

 

 

 

 

Се вчитува...