Македонија на нов испит: Светлото на крајот на тунелот се вика Шкотска

Македонската фудбалска репрезентација вечерва во 20.45 часот ќе ја пречека Шкотска во обид конечно да биде ставен крај на црната серија на нашиот национален тим.

Новото издание на Лигата на нации го почнавме со порази од Швајцарија и од Словенија, а Шкотите се ривалот против кој се надеваме дека ќе ја прекинеме „црната серија“. Она што е интересно, и двете селекции имаат огромни проблеми со ефикасноста, Шкотска нема постигнато гол цели 432 минути, последен против Хаити на СП 2026 во 28. минута од мечот. Македонија, пак, веќе го собори рекордот на низа без постигнат гол од 607 минути.

“Ова е момент во кој треба да покажеме карактер и заедништво. Сега треба да бидеме тим и тоа да го покажеме на терен. Шкотска е одлична репрезентација и знаеме каде играат нејзините играчи. Не одиграа како што очекував на Светското. Во мала криза се и тие немаат долго дадено гол и се под притисок. Играме дома и се зависи од нас. Ние сме репрезентација каде што колективот треба да биде пред се. Доколку излеземе на терен и бидеме колектив ќе се вратат резултатите. Во фудбалот секогаш имаш нова шанса”, изјави Бојан Миовски, стрелецот на последниот гол за Македонија, на ланското гостување при убедливиот пораз од Велс.

Притисокот е се поголем врз селекторот Гоце Седлоски, под чие водство Македонија не само што нема победа, туку ниту постигнат погодок.

„Атмосферата е добра и покрај поразите. Барди е наш лидер и останува наш капитен. Овие момци тука ве молам дајте им поддршка. Критиките нека одат кон мене, а наша цел е да создаваме нови играчи и тука не застанувам. Останувам на тој процес до крај. Џани Алиоски се враќа на тренинзите. Нема потреба да повикувам нови играчи за понатаму ќе видиме што и како. Ќе пробам се и на утрешниот меч. Играчите се тие што ги имаме. Да не биде селекторот се вади, но сите добро знаеме со какви репрезентации играме“, истакна Седлоски во пресрет на денешниот натпревар.

На селекторот му е јасно, продолжување на црната серија, надополнето со гостување против Швајцарија (селекција што тој самиот ја нарече најдобра што некогаш гостувала во Скопје), може лесно да му пресуди.

Затоа, времето е сега, Македонија конечно да се разбуди од фудбалскиот сон што трае од почетокот на 2026 година и против Шкотска да го покаже своето вистинско лице – и да победи.

Се вчитува...