МАКЕДОНИЈА ОДБРОЈУВА ДО ЕП: Благоје Видиниќ е единствениот Македонец кој досега бил дел од ЕП – таткото на модерниот фудбал во Африка!

Во очекување на најголемиот настан за македонскиот фудбал во историјата, првото учество на најдобрата национална репрезентација на Европско првенство, ЕКИПА издвојувајќи ги најзначајните фудбалери, личности и настани од нашата фудбалска историја, се до 11. јуни преку серијал-текстови како најава за тоа што ги очекува Горан Пандев и соиграчите на УЕФА Евро 2020!

=================================================================================================

Во годината кога Македонија слави 30 години фудбалска независност, конечно најдобрата македонска репрезентација ќе го почувствува настапот меѓу најдобрите на Стариот континент.

Првпат во историјата македонската репрезентација ќе се појави на ЕВРО-шампионат под капата на УЕФА. Погледнувајќи наназад низ историјата, пак, мал е и бројот и на Македонци кои и во рамките на селекцијата од поранешната заедничка држава успеале да го почувствуваат духот на европското првенство. Единствениот Македонец кој како член на поранешна СФРЈ бил дел од едно европско првенство е голманот Благоја Видиниќ кој настапи за Југославија на ЕП 1960 во Франција.

Тогаш, под името Куп на европски нации, на финалниот турнир учествуваа само најдобрите четири репрезентации кои претходно минаа низ квалификациски циклус. Југославија во полуфиналето го победи домаќинот Франција со 4-5, со головите на Галиќ, Жанетиќ, Кнез и два погодоци на Јерковиќ. Во финалето на „Паркот на принцевите“ во Париз против Русија, Благоја Видиниќ се најде на голот на Југославија, која загуби со 1-2, на крајот освојувајќи го сребрениот медал. Видиниќ беше прв голман на Југославија, бранејќи во финалето пред легендарниот Милутин Шошкиќ, а во една извонредна генерација со Јусуфи, Јерковиќ, Шекуларац, Галиќ, Костиќ…

Видиниќ е „таткото“ на модерниот фудбал во Африка

Благоје Видиниќ

За Благоје Видиниќ настапот на ЕП 1960 беше неговиот единствен на завршен турнир на Стариот континент како играч. Но, за многумина можеби е непознат фактот дека Африка својот пат на Мундијалите го почнува со помош на Македонец кога во далечната 1970 година, Мароко под селекторската палка токму на Видиниќ учествуваше на шампионатот во Мексико. Видиниќ, почнувајќи го фудбалот од скопски Вардар, препознатлив е како „таткото” на модерниот фудбал на „Црниот континент”.

Благоје Видиниќ откако претходно како репрезентативец на поранешна СФРЈ освојува вицешампионска европска титула, па  сребрен медал од Олимпијадата во Мелбурн 1956 како и злато од Олимпијадата 1960 година во Рим, а во 1960 година е прогласен и за најдобар голман во Европа, веќе на 35-годишна возраст ја презема селекторската функција на Мароко и веднаш успева да ги одведе на СП во Мексико. А, во Мексико останува забележан и  како првиот селектор кој носи мундијалски бод за афричкиот континент ремизирајќи со селекцијата на Бугарија (1-1).

Популарниот Бане потоа во 1972 година ја презема селекторската палка на Заир (денешна ДР Конго). И, веднаш е прогласен и за почесен граѓанин на оваа централноафричка земја откако успева да и обезбеди учество на СП 1974 година во Западна Германија. Учеството на Заир на СП за афричкиот континент е посебно специфично затоа што е првото на Мундијалите, како што самите со гордост истакнуваат, на “црн афрички тим”.

Видиниќ на клупата на Заир

Селекцијата на Мароко, претходно, со оглед на местоположбата и колонијалното влијание во земјата, била составена и од поголем дел бели фудбалери. Благоје Видиниќ до крајот на својата тренерска карира во 1976 година ја презема и селекторската функција во репрезентацијата на Колумбија, но по три години се одлучува да стави крај на “фудбалскиот живот” концентрирајќи се на семејниот живот во Франција, каде и го завршува својот животен пат на 29 декември 2006 година во Стразбур.

Се вчитува...