Македонија поразена од моќната Франција на стартот од квалификациите за ЕП 2023 (ВИДЕО)

Младата репрезентација на Македонија загуби со 3-0 (1-0) од големиот фаворит Франција во првиот натпревар од новиот квалификациски циклус за пласман на ЕП 2023.

На дуелот кој се играше на „ММАрена“ во Ле Ман, Французите имаа целосна иницијатива на мечот со неколку можности за погодок во првото полувреме, но во предност дојдоа од сомнителен погодок во 26. минута преку Мбуку.

 

Антовски имаше обид за Македонија во 44. минута од слободен удар но непрецизно покрај голот на домашните.

Денковски беше одличен на голот на македонската селекција во првиот дел интервенирајќи во неколку наврати за да спречи поубедлива предност на Французите.

Во второто полувреме Франција дојде до предност од 2-0 многу брзо со голот на последното засилување на Реал Мадрид, Камавинга кој со шут од 20 метри го изненади Денковски.

Конечните 3-0 ги постави Калулу во 89. минута од средбата.

Во првиот денешен натпревар од оваа група, Ерменија славеше против Фарските острови минимално со 1-0.

Се вчитува...