Македонија посакува прва победа на ЕП, Белорусија гледа кон осминафинале

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Македонија имаше ден одмор за да собере сила за завршните два меча од групата, а Белорусите зедоа дополнителен залет со синоќешниот супер-пресврт против Финска и триумф кој им дава надеж за осминафиналето. Вечерашната пресметка (20.30 часот) и за двете селекции е извонредно значајна, за избраниците на Никола Матијашевиќ можеби и последна шанса да се израдуваат на победа на ЕП 2019, а за Белорусија секако врата која мора да ја отворат за влез меѓу 16-те најдобри на шампионатот.

Капитенот Никола Ѓоргиев и понатаму оптимист, не се откажува до последен момент и секако е првиот што треба да ја мотивира селекцијата за преостанатите два меча. Тој вели дека е Белорусија и не е непобедлива.

„Во некои периоди на ова Европско првенство одигравме на ниво кое што е доволно за да славиме против Белорусија. Посакувам да ја повториме таа квалитетна игра и убеден сум дека ако го направиме тоа, можеме да победиме“, изјави капитенот Никола Ѓоргиев.

Белорусија си има свои планови. Со триумф над Македонија го трасира патот кон осминафиналето. Дуелот е закажан за 20.30 часот во „Стожице“.

Ова ќе биде прв меѓусебен натпревар меѓу Македонија и Белорусија. Противникот е третпат на Европско првенство, а синоќа ја оствари првата историска победа во деветтиот натпревар.

Се вчитува...