Македонија против Словачка за крај на претквалификациите за СП 2023

Македонската кошаркарска репрезентација денеска од 19 часот во СЦ „Јане Сандански“ го игра последниот натпревар од претквалификациите за Светското првенство 2023, а за противник ќе ја имаме репрезентацијата на Словачка.

„Црвено-жолтите“ на Драган Бајиќ беа убедливи во првиот натпревар против Словаците, кој го добивме со 69-47 па до сегашен биланс од две победи и еден пораз само чудо, односно пораз од 28 или повеќе разлика ќе ни ги затворат вратите за пласман во квалификациите од Мундијалот.

Она што ја красеше Македонија на третте средби од претквалификациите беше одбраната која во просек дозволува 58.3 поени по меч, па таа ќе треба да биде на врвот на својата задача и против денешниот противник со оглед на тоа што нападот и не е во најдобро светло и ниеден досегашен натпревар не ја надминавме границата од 70 постигнати поени.

„Треба да продолжиме со игрите од претходните два натпревари. Сите да го вложиме својот максимум од можностите, и со една тимска работа да стигнеме до потцртаната цел. Да го завршиме овој турнир со уште една силна игра и на првото место“, изјави Вајли пред мечот.

Она што е најважно за македонска репрезентација на овие претквалификации е тоа што полека започнавме со градење на нов тим кој во следните години ќе ги брани „црвено-жолтите“ бои во смената на генерации. Затоа, и покрај можноста за „математика“, Македонија денеска не смее да си дозволи да одигра ни со 80 отсто од можностите и мора да цели кон завршување на „домаќинскиот“ турнир со триумф.

Се вчитува...