Македонија со соборени два државни рекорди на Балканското првенство во Измир, бронзата „избега“ само за нијанса (ФОТО/ ВИДЕО)

Македонската атлетска репрезентација запиша забележителни резултати на Балканското првенство за сениори кое се одржа во Измир, Турција, со два соборени државни рекорди, а Огнен Стефановски остана само на чекор од бронзениот медал во десетобој.

Нов државен рекорд постави штафетата 4×100 метри (Андреас Трајковски, Владек Битољану, Огнен Стефановски, Јован Стојоски).

Претходниот рекорд беше поставен во Полска минатата година на Екипното европско првенство – трета лига, кој изнесуваше 41.75 секунди, а новиот рекорд е 41.59 секунди.

Огнен Стефановски постави нов државен рекорд во десетобој со 6348 бодови. Стефановски собори рекорд стар 36 години, поставен во 1988 година во сопственост на Љупцо Ацковски.

Огнен Стефановски

„Задоволен сум од настапот на нашите репрезентативци. Поставени се два нови државни рекорди, а навистина штета е што Стефановски остана без бронзениот медач во десетобој за помалку од 100 бода по ИААФ таблицата, што е навистина само нијанса во однос на медалистите“ – ни изјави селекторот на македонската репрезентација, Кристијан Кајчевски, по настапот во Измир.

Македонската репрезентација во Измир настапи во состав Андријана Поп Арсова (3000 и 5000 метри), Андреас Трајковски (скок во далечина), Брајан Авиа (скок во далечина и скок во височна), Владек Битољану (100 метри и 200 метри), Леонид Вандески (3000 стипл) и Јован Стојоски (400 метри со пречки), Дрита Ислами (400 метри со пречки) и Огнен Стефановски (Десетобој).

Се вчитува...