Македонија – за мерак!

Фудбалската репрезентација на Македонија ја оствари и третата победа во Лигата на нации, совладувајќи ја селекцијата на Лихтенштајн со 4-1 на арената „Филип Втори“. Трајковски беше двоен стрелец, Пандев асистираше и постигна еден погодок, а серијата ја затвори Алиоски. Ова е огромен чекор напред кон првото место во групата, кое води во плејофот за пласман на Европското првенство во 2020 година. Истовремено, трае и низата од десет натпревари без пораз на „црвено-жолтите“.

Македонските репрезентативци го потврдија епитетот фаворити на дуелот со Лихтенштајн. По поразот на Ерменија од Гибралтар, енергично ја грабнаа шансата и го декласираа противникот.

Во десеттата минута, Барди и Пандев одлично ја „измешаа“ одбраната на гостите, а Александар Трајковски ја погоди мрежата. Дваесет минути подоцна, повторно Пандев асистираше,ои Трајковски стрелаше, за 2-0.

Пандев асистираше, а потоа реши и да се запише меѓу стрелците. Во 36.минута, налета на повратната топка од противничката одбрана и го совада голманот Бенџамин Бухел.

Само една минута подоцна, грешка и во нашата одбрана, за прв примен гол во мечевите од Лигата на нации. Погоди Сејхан Јилдиз за селекцијата на Лихтенштајн.

Во вториот дел, Македонија продолжи со офанзивна игра. Фудбалерите овојпат им пружија партија за мерак на околу 10.000 гледачи кои дојдоа да ја поздрават новата победа. Несторовски имаше две убави шанси, но Езгјан Алиоски во 67.минута го постигна четвртиот гол за Македонија.

Во финишот, и Бобан Николов имаше супер шанса, но Бухел истрча, го скрати аголот и го спаси својот гол. Македонија е на чекор до првото место во групата….Мириса на Европско…!

МАКЕДОНИЈА – ЛИХТЕНШТАЈН 4-1 (3-1)

Национална арена „Филип Втори“ во Скопје. Гледачи: 10.000. Судија: Рој Реншрајбер (Израел). Стрелци: Трајковски 10’, 30’, Пандев 36’, Алиоски 67’ (Македонија), Јилдиз 37’ (Лихтенштајн). Ж. Картони: Трајковски (Македонија), Бухел, Јилдиз (Лихтенштајн).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Бејтулаи (77’ Ристовски), Муслиу, Зајков, Алиоски, Барди, Елмас, Хасани, Трајковски, Пандев (68’ Николов), Несторовски (83’ Спировски).

ЛИХТЕНШТАЈН: Бухел, Рехштајнер, Кауфман, Висер, Гопел, Полверино, Волфингер (79’ Кибер), Јилдиз (, Селе (29’ Бухсел), Бухел (72’ Ерне).

Табела: Македонија 9, Лихтенштајн 3, Ерменија 3, Гибралтар 3.

Се вчитува...