Македонската кошаркарска репрезетнација денеска од 18 часот гостува во Украина во второто коло од квалификациите за Светското првенство 2023. „Црвено-жолтите“ ќе ја бараат правата победа во оваа фаза од натпреварувањето, а на мечот во Киев влегуваме со позитивен исход од меѓусебните средби.
Украина застана на нашиот пат и во 2010 година во квалификациите за Европското првенство одржано година дена подоцна во Литванија, а „главната команда“ беше „збришана“ на двата дуела. Во Скопје славевме со 71–55 на крилјата на Лестер Бо Мекејлеб и неговите 18 поени и 4 асистенции, а на гостувањето во источна Европа со 58-71 благодарение на Перо Антиќ и Тодор Гечевски кои забележаа 26 поени и 6 скока, односно 16 поени и 4 скока.
Со Украинците одигравме уште два дуела во подготовките за Европското првенство во 2013 година. Тогаш првиот меч го добија „сино-жолтите“ кои славеа со 60-69, а во „реваншот“ Македонија беше убедливо подобра и триумфираше со 81-51.
Во однос на тие натпревари работите драстично се променија. Македонија сега е далеку од „европскиот крем“, а добрата работа на Украинците им донесе стабилност па фаворитската улога денеска им припаѓа на домаќините. На нашите кошаркари им останува да дадат се од себе за националните бои, а дали Украина повторно ќе го трасира патот до едно големо кошаркарско натпреварување останува да видиме.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА