Додека тече Светското првенство 2026 во САД, Канада и Мексико, ЕКИПА.МК низ краток серијал ќе ве потсети на единствените четири македонски имиња кои досега во историјата биле дел од мундијалите – Благоје Видиниќ, Кирил Дојчиновски, Дарко Панчев и Вујадин Станојковиќ!
Прославената вардарова легенда, Кирил Дојчиновски е првиот од Македонија кој како фудбалер бил дел од светските првенства.
На Мундијалот во 1974 година во Западна Германија, на кој Благоје Видиниќ ја предводеше селекцијата на Заир од тренерското столче, Дојчиновски беше на спротивната страна во дресот на Југославија која, во натпреварите по групи токму на Африканците, им го нанесе највисокиот пораз (9-0), забележан како еден од најубедливите резултати во историјата на Мундијалите.
Дојчиновски, како фудбалер на Вардар, но и белградска Црвена Звезда во која мина извонредни години од 1968 до 1974, но и француските Тројс и ФЦ Париз, тогаш беше постојан дел од селекцијата на Миљан Миљаниќ иако без посериозна добиена шанса на СП 1974, во генерацијата на Драган Џајиќ, Енвер Мариќ, Јосип Каталински, Душан Бајевиќ, Илија Петковиќ, Ивица Шурјак, Бранко Облак, Јурица Јерковиќ, Станислав Караси…
„Беше тоа извонредна генерација која можеби можеше и нешто повеќе на светската сцена, меѓутоа како да се немаше малку финална среќа. На СП 1974 година минавме одлично во првиот груг од натпреварите, меѓутоа во четвртфиналното разигрување како да се немаше онаа доволна цврстина и победничка желба, иако од светските медиуми тогаш Југославија беше нагласувана и како еден од прикриените кандидати за медал. Светските првенства носат своја специфика токму и поради шареноликоста на селекциите кои учествуваат. Се разбира посебно доживување е кое се надевам ќе го почувствува и македонската репрезентација” – ќе рече во една пригода низ пензионерските свои денови Кирил Дојчиновски.
Кирил Дојчиновски своите фудбалски почетоци ги бележи во Вардар, каде што е пет сезони во периодот од 1962 до 1967 година. Притоа во дресот со црвено-црните бои одигра 218 натпревари. Потоа се сели во белградска Црвена Звезда (1967-1974) каде го достигнува врвот на својата слава како четирикратен шампион на Југославија, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.
Од неговите репрезентативни настапи во дресот на поранешна Југославија, без сомнение, се издвојува и приказната за скриениот ас кој го запре големиот Пеле. Југославија во 1968 година одигра пријателски натпревар со Бразил на легендарната “Маракана” во Рио де Жанеиро пред 80.000 навивачи, а Кирил Дојчиновски заедно со Мето Спасовски беа дел од почетната постава на југословенската репрезентација.
Ќе остане засекогаш запаметена фотографијата на “Дојчиновски и Пеле” пред голот на Југославија, но и потоа бројните написи во кои беше издвоено дека “скриениот ас” Кирил Дојчиновски го запре најдобриот фудбалер на светот.

“Пеле не можеше многу да се наигра покрај Дојчиновски кој командува со одбраната и средниот ред на неговиот тим” – беа дел од написите во југословенските и во бразилските медиуми по натпреварот кој заврши без победник, 3-3.
Легендата на македонскиот фудбал, кој остави силна трага во нашата спортска историја, почина во 2022 година во Скопје, на 79-годишна возраст.
ЧИТАЈТЕ УШТЕ: Дарко Панчев е единствениот Македонец стрелец во историјата на Мундијалите!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
