Маленко оставил еден „куп“ долгови во пливачката федерација, и неисплатени награди за пливачите во Охрид!

Одлуката на Националната пливачка федерација оваа година, поради финансиски проблеми и блокада на сметката, да не го организира Охридскиот пливачки маратон ја разбранува јавноста.

Првиот човек на федерацијата, Горан Стојановски, кој од февруари оваа година е на чело на македонското пливање, вели дека и тоа како чувствува огромна жал за неможноста да се организира, но сето тоа е поради недомаќинското раководење од страна на претходното раководство на чело со Александар Маленко кое оставило еден куп неплатени фактури како и неисплатени парични награди предвидени од наградниот фонд за маратонците на Охридскиот маратон.

„Сметката на НПФ е блокирана околу десет години, тоа не е ништо ново. Станува збор за сума од околу 100.000 денари. Ова е проблем кој се пренесува од едно на друго раководство, но еден ден мора да се реши. Не е се изгубено, јас најмалку што сакам е да ми остане оваа дамка, дека во мојот мандат се прекинала една ваква, децениска традиција. Затоа верувам дека државата ќе ни излезе во пресрет, ова е настан од интернационален интерес“ – вели Стојановски во изјава за „Фокус“, притоа дополнувајќи:

„Од ланскиот маратон, кога претседател на НПФ беше Маленко, имаме неплатена фактура од хотел Метропол Охрид, каде беа сместени пливачите и раководството. Станува збор за сума од околу два милиони денари! Имаме неплатен долг за Ковид тестови, сумата која од тој период се должи кон Центарот за јавно здравје изнесува околу 65.000 денари! Од печатница каде се печателе маици имаме фактура со износ од околу 100.000 денари! Долг кон ФИНА од 5.000 долари, неисплатени награди на пливачи! Искрено се надевам дека државата ќе го спаси пливањето! Со маратонецот Томи Стефановски се трудиме да дадеме максимум, но мора да се игра со отворени карти кон јавноста. Овие проблеми не може вечно да се туркаат под тепих, треба да се знае со што се соочуваме. Не е се изгубено, од институциите зависи како ќе заврши оваа приказна, која ја разочара македонската јавност и љубителите на пливањето“.

Александар Маленко, пак, денеска утрово преку допис до медиумите ги обвини актуелните раководители на федерацијата и домашните институции за хаосот во пливањето.

Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, пак денеска на прес-конференција во Охрид соопшти дека Општината оваа година ќе го организира јубилејниот 60. Охридски пливачки маратон како не би згаснала традицијата. А како и во која форма ќе биде дополнително соопштено. Иако е сосема јасно дека тоа ќе биде надвор од рамките на ФИНА која од оваа година ги отфрли 25-километарските маратони од својот календар.

Се вчитува...