Малешевиќ: По победа во Гевгелија, за печат на полуфиналето на Пелистер

Кошаркарите на Пелистер максимално мотивирани го дочекуваат саботното гостување во Гевгелија, свесни дека имаат сметки за расчистување по досегашните два пораза на меѓусебните пресметки со Кожув.

Особено болен беше поразот претрпен пред десетина дена во Гевгелија, меч на кој Пелистер три четвртини целосно доминираше, но падот во последните десет минути придонесе тој дуел да биде завршен со пораз.

Свесен за тоа е и искусниот Никола Малешевиќ, кој порачува дека само со 40 минути максимално залагање може да се излезе како победник од утрешниот натпревар.

„Пред нас е тежок натпревар, против ривал со кој се сретнавме неодамна. Се надевам дека ќе одиграме како во првите три четвртини од тој дуел, тоа е рецептот за победа, како во нападот, така и во одбраната. Секако, мораме во тој стил да ги одиграме сите 40 минути бидејќи видовме дека три четвртини не се доволни за да се стигне до триумф. Сакаме да му се реваншираме на Кожув, математички да осигураме полуфинале. Дуелот ќе биде тежок и исцрпувачки, но се надевам дека на крајот ние ќе бидеме тимот што ќе се радува на победата“, порачува Малешевиќ.

Се вчитува...