Малинков: Голема победа за Гостивар, горд сум на мојата екипа

Љупчо Малинков има причина за задоволство откако неговиот тим Гостивар со извонредна партија го натера на капитулација шампионот МЗТ Скопје, декласираќи го со 88-69.

Со тоа, гостиварци покажаа дека се подготвени за враќање во топ-форма по убедливите порази во претходните две кола од шампионатот.

„Многу сум горд на мојата екипа, на цел Гостивар и на публиката во салата. Ова беше одличен натпревр на кој се покажавме во вистинско светло, се боревме од почеток до крај против актуелниот шампион и тоа ни донесе ваков фантастичен резултат. Имавме проблеми со ростерот на претходниот меч, но сега покажавме дека кога сме комплетни можеме да победиме секого. Ова сигурно ќе ни ја зголеми самодовербата пред продолжението од сезоната“, изјави Малинков за ЕКИПА.

МЗТ Скопје сезонава има само два порази на домашната сцена, двата се токму од тимот на Гостивар кој се покажува како „пеницилин“ за актуелниот првак.

„Секогаш сме максимално мотивирани кога играме против квалитетен ривал како што е МЗТ Скопје. Овие дуели го извлекуваат најдоброто од нас, се надевам дека ќе продолжиме во ист ритам и дека и на наредните средби ќе играме како против МЗТ“, вели Малинков.

Се вчитува...