„Мама Рабио“ повторно стапува на сцена

Адриан Рабио повторно го привлекува вниманието на фудбалската јавност, откако неговата мајка Вероника ставила до знаење дека не е задоволна од улогата што Французинот ја имал во Јувентус сезонава, најавувајќи дека тој летово лесно би можел да ги смени клупските бои. Вероника Рабио воедно е и агентка на својот син, па во ситуација кога премиерлигашите најавуваат трансфер-офанзива, таа ја користи можноста да го продаде Адриан доколку пристигне интересна понуда.

Само за потсетување, токму поради начинот на кој таа ги водеше и ги прекина преговорите за нов договор со ПСЖ, Адриан Рабио беше отстранет од првиот тим и шест месеци тренираше изолирано од најголемите „ѕвезди“ на францускиот првак. Потоа Вероника постигна договор за преселба во Барселона, за во последен момент да ги смени деталите, по што каталонците се налутија и го блокираа трансферот. Јувентус на крај се согласи да го доведе талентираниот играч за врска, но Рабио не успеа да се избори за статус на првотимец, доволен повод за „Мама Рабио“ повторно да се појави на сцената.

Карло Анчелоти сака да го доведе Рабио во Евертон, интерес покажува и Челси, особено ако се реализира трансферот на Жоргињо во Јувентус. Сепак, останува да се види дали овие клубови ќе ја зголемат платата од седум милиони евра годишно, плус бонуси, што талентираниот играч за врска моментно ја заработува во Јуве. И секако, кој ќе се согласи да ја плати менаџерската провизија на „Мама Рабио“.

Се вчитува...