Манасков и Веспрем први учесници на Ф4 во Келн

Македонскиот ракометен интернационалец Дејан Манасков и неговиот Веспрем се првите патници на завршницата од годинашното издание на Лигата на шампионите и учество на Ф4 турнирот во Келн.

Унгарскиот шампион успеа на реваншот во Данска, кај Алборг да ја зачува големата позитива од седум гола која ја имаше од првиот натпревар одигран минатиот четврток (36-29). Данците иако денеска успеаја да слават (37-35), овој резултат не беше доволен за ново учество на турнирот на четирите најдобри во Европа.

Првото полувреме се одигра буквално без одбрани, а гостите заминаа со предност од 20-21. Во вториот дел данскиот шампион ја „стегна“ одбраната и одигра далеку поквалитетно, но немаше сила за убедлива победа со која би се пласирал во Келн.

Дејан Манасков не постигна гол на овој натпревар, а имаше упатено еден удар кон голот на противникот. Кај унгарците Лауге и Мае завршија со по шест гола, додека кај Алборг Бјорнсен и Јул-Ласен постигнаа по девет.

Вечерва ќе биде познат и вториот патник на Ф4, во дуелот меѓу Кјелце и Монпелје. Полјаците триумфираа на првиот меч во Франција со 31-28.

Се вчитува...