Maнасков: ПСЖ е фаворит, но ние нема евтино да ја продадеме кожата

Ракометниот шампион на Македонија, Еурофарм Пелистер утре ќе го пречека Пари Сен Жермен во првиот натпревар за 2024 година во Лигата на шампионите.

По големата победа во дербито со Вардар, битолчани со голема самодоверба влегуваат во мечот против фаворитот. Дејан Мансков е еден од ракометарите кои што потпишаа со Пелистер оваа зима, а пред мечот вели дека иако Французите се фаворити, тие нема евтино да ја продадат кожата.

„Помина доста време откако не сум на терените и едвај чекам да започне утрешниот меч против ПСЖ. Мотивиран сум, за тоа не треба да се разговара. Чест ми е што повторно ќе можам да настапувам во ЛШ по една година пауза. Мислам дека сме убаво подготвени, имаме еден добар моментум по онаа победа над Вардар. ПСЖ е во топ пет екипите во Европа, имаат еден изграден систем кој неколку години веќе функционира. И јас, но и останатите играчи знаеме каков стил на ракомет негува ПСЖ. Раул беше тука и во репрезентацијата и во Вардар. Би им ја препуштиле улогата на фаворит, но нема лесно да ја продадеме кожата. Ќе дадеме сѐ од нас тука пред нашата публика и мислам дека можеме да изненадиме некој на последните четири натпревари. Тие доаѓаат малку уморни од светското првенство, свежината е на наша страна. Треба да веруваме во тоа што го работиме, ќе излеземе без респект и ќе се обидеме да направиме изненадување“, вели Манасков.

Се вчитува...