Манчестер сити е нов шампион на Европа! Родри донесе прв трофеј за „граѓаните“ во ЛШ! (ВИДЕО)

Манчестер сити е нов шампион на Европа! Прва титула за „граѓаните“ во историјата во Лигата на шампионите откако славеа минимално, но сосема доволно, со 1-0 против Интер во финалето од годинашното издание на најквалитетното европско клупско натпреварување кое се одигра на стадионот „Ататурк“ во Истанбул.

Големиот долго посакуван пехар за Манчестер сити го обезбеди Родри со голот во 68. минута. Еден но вреден прв трофеј во историјата во ЛШ за „граѓаните“!

Манчестер сити и во првите 45 минути беше поблиску до водство, имаше неколку можности, од кои најголемата на Халанд во 27. минута, но не успеаја да ги искористат.

„Граѓаните“ се соочија и со тешка ситуација во првото полувреме кога поради повреда еден од најдобрите фудбалери Кевин Де Брујне мораше да излезе од игра во 36. минута…

Сепак, во второто полувреме отсуството на Де Брујне не го спречи тимот од Манчестер да дојде до водство.

Континуираниот дискретен притисок на „граѓаните“ кон голот на „нераѕурите“ конечно вроди со плод во 68. минута кога Родри одлично реагираше по првичната мешаница пред голот на Интер.

Родри натрча на една одбиена топка и сигурно стрелаше за водство од 1-0.

Набрзо потоа, веќе во 71. минута Интер имаше 100% шанса да израмни но гредата го спаси Сити по обидот на Димарко.

Интер имаше уште една феноменална шанса за израмнување во 89. минута, но Едерсон го одбрани обидот на Лукаку од само пет метри. Тоа беше се и од „нераѕурите“, па Манчестер сити успевајќи да се одбрани до крај дојде до првата своја титула европски шампион во историјата!

Се вчитува...