Манифестација која ја заживува спортска Македонија: „Ноемвриската трка 2023“ ја светна Гевгелија (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Македонија добива уште една вистински атрактивна атлетска манифестација ако се погледне начинот на организација, бројот на учесници, и бројот на лица од спортскиот, општествениот и јавниот живот кои учествуваа денеска на „Ноемвриската трка 2023“ која во организација на АК 7-ми Ноември се одржа во Гевгелија.

„Ноемвриската трка 2023“, која по третпат се организира, денеска на вистински начин ја светна Гевгелија со околу 1200 учесници кои на најдобар можен начин ја потврдија јасната определба на организаторите за континуиран раст и вистинска позитивна афирмација на спортскиот југ од Македонија.

На трката на 10 километри, која се бодуваше и за Државното првенство на Македонија на долги патеки, победи најдобриот македонски атлетичар Дарио Ивановски, член на АК Коранерс, со време од 30 минути и 16 секунди, а во женска конкуренција славеше Греса Бакраќи од Косово со време од 34 минути и 54 секунди, пред Адријана Поп Арсова од Делта и Теа Божиновски од АК Охрид Трчат.

Стартот на денешната атлетска манифестација во Гевгелија го означи легендата на македонскиот спорт, златниот олимписки шампион Шабан Трстена, кој им посака уште многу идни организации на гевгеличани и „пронаоѓање“ токму од овие настани идни македонски спортски шампиони.

Беа одржани и детските трки во три возрасни категории за атлетичар(к)и родени од 2010 до 2012 година (триумф на Давид Петров кај момчињата и Варвара Атанасовска од АК Делта кај девојчињата), па за возраст од 2013 до 2016 (победи на Максим Ангов кај момчињата и Клара Дуева кај девојчињата, и двајцата од АК 7-ми Ноември од Гевгелија), и за најмладите категории родени во 2017 година и помлади каде победија Борис Николов и Јоана Петкова од АК Делта од Скопје.

 

 

Се вчитува...