Марадона: Аргентинците се несреќни, затоа има инциденти на стадионите

Легендарниот аргентински фудбалер Диего Армандо Марадона, го обвини претседателот на државата Маурисио Макри за големите инциденти што се случуваа пред Супер Класико, фудбалскиот мегадуел меѓу Ривер Плата и Бока јуниорс. Мечот синоќа не се одигра откако фановите на Ривер Плата со солзавец го нападнаа автобусот на Бока јуниорс при доаѓањето на стадионот „Монументал“. Повредени беа неколку фудбалери, а Карлос Тевез истакна дека не се во состојба да играат фудбал, иако КОНМЕБОЛ и ФИФА ги притискаат да истрчаат на теренот.

Марадона вели дека тоа е само кулминација поради лошото водење на државата од претседателот Макри.

„Мојата држава е несреќна, немаме почитување за ништо и во се се претерува. Во Аргентина е денеска терор да се излезе на фудбалски терен. Морам да кажам дека сум голем Аргентинец, мразам насилство, но ова сите ние си го заслуживме. Ние сите, иако јас не, гласавме за оваа катастрофа, бирајќи го за претседател Маурисио Макри. Не постои безбедност и заштита, секаде има кражби, луѓето немаат што да јадат и тоа се промените за кои гласаа. Тој е син на милионер цел живот и не му е гајле дали таму некој петгодишник од Ломас де Замора има да јаде“, изјави Марадона. Тој смета дека сето ова се пресликува и на стадионите во државата.

Првиот меч од финалето на Копа Либертадорес меѓу Ривер Плата и Бока јуниорс заврши 2-2, а реваншот синоќа беше одложен и презакажан за 24 часа. Треба да се одигра вечерва, со почеток во 21 часот.

 

Се вчитува...