Енцо Мареска не штедеше пофалби за своите фудбалери откако Челси ремизираше 1-1 на лондонското дерби против Арсенал, не дозволувајќи „топчиите“ уште повеќе да се одлепат во трката за титулата.
Пресуден момент беше црвениот картон на Каиседо пред крајот на првото полувреме, по што Мареска беше принуден да се адаптира со играч помалку откако неговиот тим доминираше додека беше комплетен на теренот.
„Некогаш морате да бидете задоволни и со еден бод. Секако, желба ни беше да победиме, мислам дека „11 на 11“ бевме и подобри од нив, создававме шанси и не им дозволивме да креираат ништо… Црвениот картон ја смени динамиката, но начинот на кој моите играчи се однесуваа на теренот во второто полувреме беше извонреден“, изјави Мареска.
Италијанскиот стратег се пожали и на чудниот судиски критериум, нешто што е рак-рана на Премиер-лигата од стартот на сезонава.
„Да расчистиме, црвениот картон на Каиседо е заслужен. Сепак, не разбирам како за исти ситуации се носат различни одлуки. Бентанкур имаше ист старт над Рис и не доби црвен картон. Зошто? Судијата ми рече дека немало удар со лакотот врз Шалоба денеска, а тој имаше огромен оток. Не ги разбирам судиите и нивното однесување и носење одлуки“, истакна стратегот на Челси.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

