Марјан Секуловски е нов тренер на Брегалница

Марјан Секуловски е именуван за нов шеф на стручниот штаб на Брегалница. По разделбата со Добринко Илиевски, раководството на клубот се одлучи за ангажман на докажано тренерско име во Македонија кое треба да даде нов импулс плус во развојот на сениорскиот тим на Брегалница.

Со 47-годишниот Секуловски потпишан е договор до 2022 година, со можност потоа и за продолжување на истиот.

„На големо задоволство на двете страни дојдовме до договор со Марјан Секуловски за именување на нов шеф на стручниот штаб на Брегалница. Со ангажманот на Секуловски нашиот клуб добива тренер со големо искуство, како од домашната така и од интернационалната сцена. Во неговата кариера ги минал сите фази на еден натпреварувачки предизвик, влез на екипи од Втора во Прва лига, максимално познавање на комплетната домашна фудбалска сцена но и силно меѓународно искуство со забележителни резултати во странство. Искрено очекувам со неговото искуство тимот да го подигнеме на уште повисоко ниво од она на кое се наоѓа во моментов. Му посакувам многу успеси во иднина, па сезонава да ја реализираме нашата добро позната зацртана цел“ – истакна сопственикот на Брегалница, Кирил Гогов, по официјализирањето на соработката со Секуловски.

Во богатата досегашна тренерска кариера Марјан Секуловски на македонската фудбалска сцена беше предводник на екипите на Пелистер (со која во сезоните 2005/2006 и 2011/2012 стигна до шампионските титули во второлигашката конкуренција и влез во прволигашкото друштво), но и на Новаци, 11 Октомври, Силекс и Македонија ЃП.

На меѓународната сцена, предводејќи го Ајејаваду јунајтед во Мјанмар е освојувач на Купот на Мјанмар во сезоните 2012 и 2015, како и освојувач на трофејот во Суперкупот во 2015 година. Во Мјанмар беше тренер и на екипите на Јангон јунајтед и Шан јунајтед. Освојувач е и на две шампионски титули на Малдивите со екипата на Мазија С&РЦ.

Се вчитува...