Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски со реализацијата на трансферот во Валенсија очекуваше, согласно договорот, максимална минутажа во новиот клуб како начин за континуиран раст во формата која изминативе години ја демонстрира во Ла Лига.
Но, сосема неочекувано, откако Грузиецот Гиорги Мамардашвили остана уште една година на „Месталја“, и покрај тоа што беше продаден на Ливерпул, плановите на Валенсија се променија. Ливерпул во договор со Валенсија побара Мамардашвили да собира искуство уште една година на голот на шпанскиот тим, а тоа значеше дека Столе ќе мора да биде втор голман.
Димитриевски доби само неколку можности да застане на голот поради повредата на Мамардашвили и остави навистина извонреден впечаток на тие натпревари, посебно и на дуелот со Реал Мадрид.
Токму поради тоа угледната „Марка“ се одлучи да отвори дебата преку своите страници кој треба да брани во Валенсија, затоа што, според нив, нелогична е одлуката на клубот да му дава толкава шанса на Грузиецот и покрај неговата очигледно лоша форма.
„Мамардашвили брани во навистина лоша форма сезонава, одговорен за неколку бода кои ги загуби Валенсија. По последниот голем кикс на натпреварот со Валјадолид, навистина се отвора прашањето кој треба да брани. Мамардашвили или Димитриевски?“ – пишува „Марка“ и дополнува:
„Тренерот Корберан навистина може да подразмисли и за смена на голманската позиција, особено во ситуација кога Мамардашвили е несигурен, а Валенсија води грчевита борба за опстанок во Ла Лига. А, Димитриевски секогаш кога е на голот ги потврдува своите квалитет и покажува зошто беше купен од клубот“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА