Маслинко го прегази „својот“ Гостивар, Пелистер со „стотка“ се загреа за АБА2

Пелистер им се врати на победи на домашната сцена откако во првиот натпревар од 2023 година забележа убедлива победа од 117-87 против Гостивар. Битолчани беа доминантни во поголемиот дел од мечот, уште во првата четвртина стекнаа висока предноста и истата не ја испуштија до самиот крај за одличен ритам пред „балонот“ кој следи во АБА2 лигата.

Отварањето на натпреварот беше во знакот на Гостивар кој благодарение на шутот за три поени успеа да направи блага предност (9-14). Сепак тајм-аутот на Илиевски целосно го промени текот на мечот, по него домаќините ја зголемија агресивноста во одбраната, а истата донесе поени на неизграден напад па од минута во минута предноста на „зелено-белите“ се зголемуваше за 33-21 по 10. минути игра. Избраниците на Малинков ја вратија едноцифрената негатива на отварањето на втората четвртина, но не успеаја да го запрат добриот ритам на Пелистер. „Зелено-белите“ преку странците продолжи да го диктира темпото, имаше контрола на двата дела од теренот за 65-42 на полувремето.

Второто полувреме не донесе промени на паркетот. Пелистер продолжи да ја диктира играта на двата дела од теренот, реализираше во висока успешност во нападот па успеа и дополнително да ја зголеми предноста за 96-69 по истекот на третата четвртина. Последната четвртина беше само формалност во која битолчани ја надминаа границата од сто постигнати поени.

Одлично деби против својот доскорешен клуб имаше и Маслинко кој го предводеше Пелистер со 21 поен и 7 скока. 20 поени додаде Карутерс, 19 поени, 7 скока и 5 асистенции забележа Карпентер. Со 36 поени кај Гостивар најефикасен беше Ефремовски, а дабл-дабл од 21 поен и 13 скока постигна Вучковиќ.

Се вчитува...