„Математика“ за ЛШ: Атлетико бара две чуда, Јунајтед не смее да загуби 7-0

Денешните последни натпревари во групите А, Б, Ц и Д ќе ги разрешат сите дилеми околу патниците во осминафиналето од Лигата на шампионите. Во пресрет на овие завршни средби, еве ги пресметките, кои резултати им се неопходни на клубовите за да ги продолжат настапите во елитното европско натпреварување. Како и во претходните години, доколку два тима имаат ист број на бодови, во предвид најпрвин се земаат меѓусебните дуели, а ако и тие резултати се идентични, тогаш се споредува гол-разликата.

ГРУПА А: Манчестер ј. 12, Базел 9, ЦСКА М. 9, Бенфика 0.

ЦСКА Москва вечерва му гостува на Манчестер јунајтед, додека Базел гостува во Португaлија на тимот на Бенфика. Математички гледано, „црвените ѓаволи“ се уште не се сигурни бидејќи пораз од 0-7, надополнет со победа на Базел во Лисабон, би значел формирање на круг од три тима со по 12 бода, со што тимот на Мурињо би бил елиминиран.

Јасно е дека шансите за вакво нешто се само теоретски, па јунајтед и со пораз од три гола разлика би останал на првото место на табелата, бидејќи во првиот меч ја совлада ЦСКА со 1-4, а има подобар меѓусебен скор и од Базел. Ако се споредат Базел и ЦСКА Москва, швајцарскиот тим е во предност во меѓусебниот дуел, па би се нашол на второто место доколку двата тима остварат исти резултати вечерва.

ГРУПА Б: ПСЖ 15, Баерн 12, Селтик 3, Андерлехт 0.

Нема дилеми околу патниците во осминафиналето, но Баерн Минхен брка победа од 4-0 доколку сака да се пласира на врвот на групата. Селтик моментно е третопласиран, а за пласман во Лигата на Европа шкотскиот клуб не смее да си дозволи пораз поубедлив од три гола разлика во Глазгов.

ГРУПА Ц: Челси 10, Рома 8, Атлетико Мадрид 6, Карабах 2.

Атлетико Мадрид сонува за две чуда за да се пласира во осминафиналето, најпрвин да слави на „Стемфорд бриџ“ над Челси, но и Рома да не слави на вториот натпревар, на домашен терен против Карабах. Челси е сигурен во осминафиналето, но зa oстанување на првото место „сините“ ќе мора да го совладаат Атлетико. Во спротивно, ако Рома слави над Карабах „волчицата“ во случај на ист број на бодови би била пред Челси, поради подобриот меѓусебен скор.

ГРУПА Д: Барселона 11, Јувентус 8, Спортинг 7, Олимпијакос 1.

Барселона сигурно е прва во оваа група, Олимпијакос нема шанси ниту за третото место, а битката за второто место ја водат Јувентус и Спортинг Лисабон. Ситуацијата е јасна, Спортинг мора да слави на „Камп ноу“ над Барселона, но и Јувентус да не слави во Атина над Олимпијакос, за тимот на нашиот Стефан Ристовски да ја прескокне „старата дама“ на табелата и да се пласира во осминафиналето од ЛШ.

Се вчитува...