„Математики“ за ЛШ: На Ливерпул и на Шахтјор им е доволен по бод

Пред последните осум натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите, еве краток осврт за преостанатите четири групи и шансите што екипите ги имаат за пласман во осминафиналето.

ГРУПА Е: Ливерпул 9, Севилја 8, Спартак М 6, Марибор 2.

Ливерпул се наоѓа во пол-позиција, игра на домашен терен со Спартак и со победа сигурно е прв, а со реми се пласира во нокаут фазата. „Црвените“ би можеле дури и со пораз да одат понатаму, но тогаш ќе треба на вториот натпревар Севилја да ремизира на гостувањето против Марибор (би се направил круг од три екипи).

Ако Спартак слави во Ливерпул, тогаш и Севилја ќе мора да дојде до цел плен во Марибор, бидејќи шпанскиот клуб загуби со 5-1 на гостувањето во Москва, а триумфираше само со 2-1 (има две реми со Ливерпул).

ГРУПА Ф: Манчестер сити 15, Шахтјор 9, Наполи 6, Феенорд 0.

Манчестер сити е сигурно прв, додека на Шахтјор му е доволен само еден бод во последното коло, дома против „граѓаните“ за да го осигура второто место. Украинците би можеле да бидат втори и во случај на пораз, но само доколку Наполи на вториот дуел не успее да слави во Холандија над Феенорд.

Доколку Наполи и Шахтјор завршат со ист број бодови во предност е италијанскиот клуб (победа од 3-0 во Неапол, пораз од 2-1 во Украина).

ГРУПА Г: Бешикташ 11, Порто 7, Лајпциг 7, Монако 2.

Бешикташ е сигурно прв во групата, без никаква мотивација во пресрет на последниот меч во Лајпциг. Порто е второпласиран и со триумф на домашен терен над Монако ќе оди во осминафиналето, бидејќи португалскиот тим е подобар во меѓусебните пресметки од Лајпциг (победа дома од 3-1 и пораз на гостински терен со 3-2).

ГРУПА Х: Тотенхем 13, Реал Мадрид 10, Борусија Д. 2, АПОЕЛ 2.

Група во која нема дилеми, Тотенхем сигурно е прв, а Реал Мадрид е второпласиран без оглед на исходите на денешните средби. Битка би можела да има само за третото место кое води во Лигата на Европа, каде АПОЕЛ би требало да освои најмалку еден бод повеќе во Лондон отколку Борусија во Мадрид, за кипарскиот тим да се најде на третата позиција.

Се вчитува...