Матијашевиќ: Ајде да бидеме последниот Мохиканец

ЕКИПА во Љубљана,

Катерина Павлова Николовска, Никола Ѓуровски

Македонската одбојкарска репрезентација влегува во втората половина од прелиминарната фаза на Европското првенство во Љубљана со најслаб биланс од конкурентите во групата. Нашиот тим е единствен без бодови. Денешниот противник, Белорусија  дојде до првите два бода вчеравечер со драматичниот триумф со пресврт од 3-2 над Финска.

„Ајде да бидеме како последниот Мохиканец, имаме порази, се повлекуваме назад и назад и дојдени сме до ѕидот. Веќе нема каде назад. Сега играчите мора да сфатат дека можат само да добијат. Тоа треба да им биде перцепцијата на работите. Ние можеме само да добиеме и поради тоа да не дозволат да паднат како во третиот сет против Турција. Од тоа најмногу се плашам“ – вели селекторот Никола Матијашевиќ во пресрет на претпоследниот натпревар.

Во нашата група Ц која се игра во Љубљана, Словенија и Русија со по девет бода се на водечките позиции, домаќинот има сет количник 9-1, а Русите 9-2. Потоа следуваат трите селекции кои ќе водат битка за другите две места кои носат во осминафиналето, Финска со 4, Турција со 3 и Белорусија со 2 бода. Нашиот тим е на нула.

 

 

 

Се вчитува...