Матлиески: Ќе се обидеме да го изненадиме „ранетиот лав“ Металург

Стратегот на Пролет, Никола Матлиески, е свесен дека Металург ќе влезе максимално мотивирано во дуелот со неговиот тим по последниот пораз на дербито со Работник. Токму поради тоа стратегот на Тинекс Пролет ги предупредува своите ракометари дека ќе мора да одиграат најдобро што знаат доколку сакаат да имаат шанси за изненадување и втора победа во плеј-офот.

„Триумфот над Бутел уште повеќе ни ја зголеми самодовербата, тоа беше одличен натпревар во кој одигравме извонредно и заслужено стигнавме до бодовите. Сега пред нас е Металург, сериозен ривал кој ќе стори се за да дојде до цел плен. Моја цел е да одиграме најдобро што знаеме, пожртвувано и фокусирано, па доколку ни се укаже можност зошто да не и да триумфираме над фаворитот. Мислам дека никој не очекуваше таков развој на настаните на последното дерби со Работник. Металург сега против нас ќе биде како ранет лав, а знаеме дека таквите ситуации можат да бидат многу опасни. Затоа и ќе настојувам да не размислуваме за противникот, туку како да ја наметнеме сопствената игра и да одиграме најдобро што знаеме. Ова е спорт и секогаш се можни изненадувања, ние сигурно нема однапред да се предадеме“ – порачува Матлиески.

Натпреварот меѓу Пролет и Металург на програмата е в недела со почеток во 18.30 часот.

Се вчитува...