Килијан Мбапе е подготвен да ги одби сите понуди на негова адреса за најмалку уште една сезона да мине во дресот на Монако. Суперталентираниот голгетер уште пред два месеци истакна дека најважно ќе му биде да продолжи да игра редовно во својот клуб, што беше една од главните причини тој да ги отфрли понудите на Реал Мадрид и на Арсенал.
Според француските медиуми, Мбапе во следните денови ќе потпише нов долгогодишен договор со Монако со кој ќе добие значително зголемување на платата и ќе се обврзе да остане најмалку уште една година во таборот на „кнезовите“. Не се отфрла можноста во новиот договор да има клаузула според која тој идното лето ќе биде достапен за трансфер вреден 130 милиони евра, сума со која Мбапе би станал најскап светски фудбалер.
Останувањето на Мбапе беше најавено и со денешното претставување на новите дресови на Монако, на чија фотографија во преден план е токму извонредниот голгетер, пред Фалкао, Лемар, Сидибе и засилувањето Тилеманс. Иако плановите можат експресно да се променат со една мегапонуда, челниците на Монако се убедени дека успеале да се договорат за продолжување на соработката со голгетерот, со што е осигурано негово останување најмалку уште една сезона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА