Почна: Маскерано и кажа збогум на Аргентина, на ред е Лионел Меси…!?

Почнаа најавите за збогум од националниот дрес во репрезентацијата на Аргентина, по елиминацијата од Франција во осминафиналето на Мундијалот 2018 во Русија.

Капитенот Хавиер Маскерано најави дека ова за него беше последен меч во аргентинскиот дрес…

„Оваа приказна е завршена. Сите сакавме да дојдеме до финалето, но не успеавме. Јас од сега ќе бидам само навивач на аргентинскиот тим. Се надевам дека овие деца во иднина ќе направат нешто. Тоа што не успеавме ние“ – рече Маскерано по поразот од Франција.

А, поголемиот дел од аргентинската фудбалска јавност веќе најавува пензија од репрезентацијата и за Лионел Меси. Се чека само официјалната негова објава…

Еден од најдобрите светски фудбалери уште пред почетокот на Мундијалот 2018 најави дека би можел да се пензионира од репрезентацијата, ако доживее неуспех во Русија. А, елиминацијата во осминафиналето е дефинитивно неуспех за „гаучосите“ кои важеа и фаворити за титула. Па затоа сега сите ја очекуваат одлуката на Меси.

И поголемиот дел од аргентинската фудбалска јавност му замерува на Меси што никогаш не и донесе радост на Аргентина. Најблиску беше пред четири години кога Германија во финалето ги совладата „гаучосите“.

За 31-годишниот Меси во голема мера е извесно дека ова беше последен настап на светско првенство, ако се знае дека за Катар 2022 ќе има 35 години. Лионел Меси за националниот тим одигра 128 натпревари постигнувајќи и 65 гола.

Се вчитува...