„Мбапе и Халанд беа многу блиску до Барса, еве зошто не дојдоа…“

Хавиер Бордас е личност што со години беше дел од највисоката управа на Барселона. Тој пред неколку дена гостуваше на познатата шпанска спортска емисија „Чирингито“, откривајќи интересни детали околу трансфер-плановите на Барса во изминатата деценија.

Она што е најинтересно, Бродас обелодени дека каталонскиот гигант бил многу блиску до ангажман и на Килијан Мбапе и на Ерлинг Халанд, но ниту еден од овие два мегатрансфера не се реализираше.

Барселона водеше преговори со Мбапе во 2017 година, кога младиот голгетер реши да си замине од Монако, а каталонците штотуку го загубија Нејмар, кој за рекордни 222 милиони евра се пресели во Париз.

„Ако јас бев претседател, Мбапе денеска ќе играше за Барса. Имавме доволно пари, јас го сакам Килијан, разговарав со неговиот татко кој ми рече дека малиот е заинтересиран да дојде. Проблем беше што други членови на управата го сакаа Усман Дембеле. До последниот ден од преодниот рок верував дека ќе го земеме Мбапе, но на крајот беше решено да го купиме Дембеле од Борусија Дортмунд“, открива Бордас.

Каталонците тогаш потрошија неверојатни 135 милиони евра на Дембеле, кој се покажа како едно од најголемите промашувања во клупската историја, а Мбапе замина на позајмица во ПСЖ, по што една година подоцна „светците“ целосно го откупија неговиот договор со Монако.

Што се однесува до Халанд, Бордас и Барселона преговарале со неговиот агент Мино Рајола во 2020 година додека норвешкиот суперталент го носеше дресот на Салцбург.

„Халанд сакаше да дојде во Шпанија, а и парите не беа превисоки. Требаше да му платиме 20 милиони евра на Салцбург и исто толку на агентот Мино Рајола. Преговорите беа во тек, се чинеше дека ќе дојде до трансфер, но бидејќи го имавме Луис Суарез во тимот, стручниот штаб реши дека Халанд не ни е потребен и трансферот беше стопиран“, обелодени поранешниот директор на Барселона.

На клупата на Барселона во 2020 се наоѓаше Роналдо Куман, потоа на негово место дојде Кике Сетиен, но Бордас не обелодени кој од овие двајца тренери одбил да го доведе Халанд на „Камп Ноу“. Она што е уште потрагично за каталонскиот гигант, Суарез нешто подоцна замина во Атлетико Мадрид, додека Барселона во тој преоден рок ги доведе Пјаниќ, Тринкао и Дест, тројца фудбалери кои не оставија буквално никаква трага во каталонскиот гигант.

Се вчитува...