Мексиканците против осминафиналното проклетство и големиот фаворит Бразил

На последните шест светски првенства, селекцијата на Мексико секогаш ја минуваше првата фаза, но потоа и веднаш испаѓаше во осминафиналето. Момците на Хуан Карлос Осорио се наоѓаат пред нов огромен предизвик, затоа што за ривал ќе го имаат можеби најголемиот фаворит за титулата на СП, репрезентацијата на Бразил. Селекторот на Мексико се надева на сензација, и секако не се предава однапред.

„Бразил е одличен тим, тие се најдобриот тим во светот. Тоа е затоа што секој од нив може на идеален начин да ја контролира и да ја додава топката. Тите е искусен стратег. Ќе играме против најдобрите, но нема да се предадеме однапред, ниту да сопреме со офанзивата, иако на спротивната страна ќе биде Бразил“, изјави Осорио.

Бразилците ќе бидат без Марсело, кој ќе остане на клупата поради болките во грбот, но Тите се надева дека Нејмар и друштвото ќе блеснат во полн сјај на почетокот од нокаут фазата.

„Ќе игра тимот кој ја заврши последната средба. Марсело секако ќе беше стартер, но нема да си играме со неговото здравје. Мексико е квалитетна селекција и се надевам дека ние ќе одиграме на вистинското ниво. Само на таков начин можеме да се надеваме на успех, ова е Светско првенство и сите селекции се борат за своето знаме. Нејмар е во одлична форма и верувам дека ќе го покаже тоа и на теренот“, вели Тите.

Кај Бразилците на повреда се жали и Даглас Коста, но селекторот ионака во преден план ги има Вилијан и Нејмар.

Осминафиналниот дуел меѓу Мексико и Бразил ќе се одигра на „Космос Арена“ во Самара, со почеток во 16 часот.

Се вчитува...