Меси: Барса не стори се за да го врати Нејмар

Лионел Меси го привлече вниманието на јавноста откако во интервју за весникот „Спорт“ најави дека би размислил да си замине доколку тимот не почне да победува. Во ситуација кога Барса доминира на домашната сцена неколку сезони наназад, Аргентинецот  не потенцираше за кое натпреварување мислеше дека „Барса треба да победува“, но речиси сигурно станува збор за Лигата на шампионите, каде каталонците неколку години наназад се несреќно елиминирани.

„Во договорот ми стои дека можам да си заминам на крајот од секоја година. Барселона е мојот дом, мојот клуб и не сакам да си заминам. Сепак, од друга страна, сакам и да победувам и да освојувам трофеи“ – гласи изненадувачката изјава на Меси за каталонскиот весник.

Тој изрази и сомнеж околу текот на преговорите што каталонскиот гигант ги водеше со ПСЖ за Нејмар.

„Јас не одлучувам за трансферите во клубот, има луѓе задолжени за тоа. Претседателот самиот побара мислење и му кажав дека би било одлично кога Нејмар би се вратил, тој би ни донел квалитет на теренот, но и уште повеќе би го подобрил имиџот на клубот. За жал, трансферот не се реализираше. Знам дека со ПСЖ е тешко да се преговара, но искрено се сомневам дека Барса стори се што можеше за да го потпише Нејмар“ – прокоментира Меси.

Се вчитува...