Меси никогаш поотворен по скандалот: Чудни работи се случуваат во Барса, но не ми паѓа на памет да заминам!

Ѕвездата на Барселона, Лионел Меси се одлучи во интервју за „Мундо Депортиво“ отворено да зборува за сите случувања изминатиов период во неговиот клуб, скандалот со претседателот Бартомеу, караницата со спортскиот директор Ерик Абидал но и се погласните шпекулации за негово заминување од клубот.

Последниот скандал кој ги тресеше Каталонците беше приказната дека претседателот Бартомеу изнајмил ПР агенција која била задолжена да ја критикува играта и работата на Меси, Пике, Чави, Гвардиола… Бартомеу ги демантираше тие обвинувања, одржувајќи и итен состанок за да ги убеди фудбалерите дека се работи за лаги.

„Бев навистина изненаден. Претседателот и нас ни го кажа истото како и на медиумите. Да бидам искрен гледам некои многу чудни работи во клубот, но ветија дека ќе изнесат докази. Ќе почекаме да видиме дали тоа е вистина или не. Дотогаш не сакам да коментирам затоа што е навистина многу чудна тема за која се уште не знам што точно да мислам“ – вели Меси, дополнувајќи околу неговата караница и со спортскиот директор Ерик Абидал.

„Не знам што му се случи на тој човек, но морав да одговорам затоа што се почувствував нападнат. Не само јас, туку и целиот тим. Многу се зборува околу тоа дека тука јас носам фудбалери, менувам тренери, дека сум моќен од секој аспект… Секако дека ми претставува проблем кога тоа го мисли и спортскиот директор. Лудост е да се каже дека играчите го смениле тренерот. Абидал е директор и тој мора да си ја преземе одговорноста. Тој ги носи одлуките. Не можев да дозволам таков напад кон мене од него“ – коментира Аргентинецот.

И покрај бројните случувања во клубот кои не се по негова волја, Меси уште еднаш повторно дека нема никаква намера да ја напушти Барселона, се додека клубот го сака во неговите редови.

„Не ми паѓа на памет да ја напуштам Барселона. Ако клубот ме сака, секако дека ќе останам. Сакам повторно да ја освојам Лигата на шампионите и да продолжам со трофеи и во првенството“ – јасно порача Лионел Меси.

Се вчитува...