Меси: Во потсвеста ни беше Рома, знаевме дека нема опуштање

Лионел Меси одигра уште еден извонреден натпревар за Барселона, со два гола предводејќи го својот тим до убедлива победа над Манчестер Јунајтед и пласман во полуфиналето. Лани Барса беше елиминирана во четврт-финалето откако загуби убедливо на реваншот во Рим од Рома, но Меси се погрижи слично сценарио да не се повтори на вечерашниот натпревар.

„Среќен сум што сме во полуфиналето, среќен сум и поради начинот на кој стигнавме до него – со две одлични партии и две победи над квалитетен противник. Знаевме дека не смееме да се опуштиме, во потсвеста ни беше ланскиот дуел со Рома, па бевме свесни дека секој пад од пет до десет минути може скапо да го платиме. Одигравме одлично и сега се вртиме кон полуфиналето, каде ќе ни биде многу тешко без разлика дали ќе играме против Ливерпул или Порто. Самите резултати на Ајакс најдобро покажуваат дека во оваа фаза од натпреварувањето нема слаб ривал“ – истакна Меси.

Тој го заврши вечерашниот реванш со седум шутеви кон противничкиот гол и шест успешни дриблинзи и вкупно 103 допири со топката, приредувајќи им вистинско шоу на навивачите на Барса против најтрофејниот англиски клуб.

Се вчитува...